Хоспитализирано бебе со пертусис во прилепската болница
Петмесечно бебе со пертусис е хоспитализирано во прилепската болница. Eпидемиолозите велат е во добра состојба. Будно се следи епидемиолошката состојба во регионот...

Петмесечно бебе се лекува на детското одделение во прилепската болница. Кај бебето од селото Житоше, Долненско, е констатирана голема кашлица, иако има примено прва доза на вакцина. Родителите се загрижиле кога нетипично кашлало и повраќало.
Ова е всушност втор случај на пертусис од Прилепскиот регион. Пред еден месец е констатиран кај уште едно петмесечно бебе од долненското село Дебреште, но било со лесни симптоми и веќе е оздравено. И тоа бебе имало примено прва доза вакцина.
Од Центарот за јавно здравје, велат дека не е разнишана епидемиолошката состојба во Прилеп.
Опфатот на вакцинирани во Прилеп е преку 90 насто. Од диспанзерот почнаа теренска вакцинација во пресрет на неделата за имунизација.
Елизабета Митреска
