Наближуваат изборите

Голем дел од граѓаните сè уште ги очекуваат личните документи

18.04.2024 12:56

Изборите се приближуваат, голем дел од граѓаните сè уште ги очекуваат личните документи кои ќе им бидат потребни за гласање. Од МВР информираат дека издавање лични карти и пасоши ќе има и на денот на изборите…

Министерството за внатрешни работи до 17-ти април годинава издало 1.267.888 лични карти и 1.524.118 пасоши, вклучувајќи и лични документи на граѓани што наполниле 18 години.

Граѓаните можат да си ги подигнат личните документи по добиеното известување од МВР. За оние кои нема да стигнат да извадат лични документи МВР ќе издава и на денот на изборите.

Согласно заклучениот избирачки список на Државната изборна комисија, право на глас на претседателските избори на 24-ти април имаат 1.814.317 граѓани, додека на парламентарните закажани на 8-ми мај 1.815.350 избирачи.

До ДИК биле понесени 50 барања од граѓани коишто ги немало на избирачкиот список, а по поднесените пријави во списокот внесени се уште тројца избирачи.

Во дипломатско-конзуларните претставништва во странство за гласање има пријавено 2.569 државјани. Право на глас имаат и 2.147 затвореници, 534 лица во установи за вон семејно згрижување и две внатрешно раселени лица.

Ирина Гелевска