Копнена офанзива во Рафах, наместо напад на Иран
Копнена офанзива во Рафах, наместо одговор за иранскиот напад-САД дале зелено светло, пишуваат израелските медиуми. Во обид да се избегне ескалација, ЕУ воведува нови санкции против Техеран. Блискиот Исток тема и на Самитот г-7 во Италија...

САД дале зелено светло на израелскиот план за копнена офанзива во Рафах, доколку Тел Авив не возврати на иранскиот напад-пишуваат израелски медиуми. Нетанјаху претходно изјави дека неговата земја сама ќе ги донесе одлуките како ќе одговори.
„Им благодарам на нашите пријатели за поддршката. Тие имаат секакви предлози и совети, но сакам да разјаснам дека ние самите ќе ги донесеме нашите одлуки и државата Израел ќе направи сè што е потребно за да се одбрани“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Во обид да се избегне ескалација во регионот, ЕУ воведува нови санкции против Техеран.
„Решивме да воведеме санкции против Иран. Ова е јасен сигнал што сакаме да го испратиме. Сакаме да направиме се за да ги заштитиме цивилите“, изјави Шарл Мишел – претседател на Европскиот совет.
Блискиот исток, тема на состанокот на министрите за надворешни на групата Г7 во Италија.
„Ние сме пријатели на Израел и против нападот кој се случи. Но, ова е победа за Израел, сега треба да работиме напорно за деескалација“, рече Антонио Тајани – министер за надворешни работи на Италија.
Борбите во појасот продолжија. Напади и на израелско-либанската граница. Катар најави дека ќе ја преиспита својата улога како посредник, обвинувајќи ги некои од страните дека го „злоупотребуваат“ за да добијат политички поени. Преговорите моментално се прекинати.
„Видовме злоупотреба на ова посредување во корист на тесни политички интереси. Ние сме посветени, но има и граници на нашата улога и на способноста да придонесеме за овие преговори“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани – премиер на Катар.
Конфликтот на Блискиот Исток се разгоре по нападот од Хамас врз Израел на 7 октомври, по што Тел Авив почна воена офанзива во Појасот Газа.
Бојана Крстевски
