Избори 2024

СДСМ и коалицијата ја започнаа кампањата за парламентарните избори

18.04.2024 14:39

На промоцијата, лидерот на социјалдемократите Димитар Ковачевски, рече дека е убеден оти за 20 дена коалицијата која ја предводи ќе постигне голема победа бидејќи ја има довербата од граѓаните...

Почеток на кампањата за парламентарни избори, но и продолжување на претседателската трка. Кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски од Гостивар порача дека е крајно време за да се испита потеклото на имот на сите судии и обвинители, но и на политичарите, почнувајќи од него, а оние за кои ќе се утврди дека за време на нивниот мандат несразмерно го зголемиле својот имот прво да ги вратат парите, а потоа и да се соочат со затворски казни.

Ковачевски: Направивме голем број грешки и преземам одговорност за тоа

Под мотото „Нема откажување од иднината“ СДСМ и коалицијата ја започнаа кампањата за парламентарните избори. На промоцијата, лидерот на социјалдемократите Димитар Ковачевски, рече дека е убеден оти за 20 дена коалицијата која ја предводи ќе постигне голема победа бидејќи ја има довербата од граѓаните. Најави, решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата, зголемени плати и пензии, но и помош на младите и земјоделците.

Свесни сме и дека направивме голем број грешки и преземам одговорност за тоа. Знаеме дека граѓаните се разочарани од растот на цените, од корупцијата, самоволието, неработењето и злоупотребите на дел од политичарите. Да, граѓаните се во право и ги прифаќам нивните критики за направените грешки, рече Ковачевски.

Најави за просечна плата од 1.100 евра

За наредните четири години, носителот на изборната листа во двојката, Оливер Спасовски посочи дека е проектирана просечна стапка на раст од 5,1 процент, просечната плата да се зголеми за рекордни 500 евра и да достигне до 1.100 евра, а минималната плата да изнесува 600 евра. Најави дека ќе иницираат сериозна дебата за воведување данок на луксуз и богатство, ќе воведат нула проценти данок на личен доход и ќе се обврзат да ја намалат стапката на невработеност од 12 на седум проценти до 2028-ма година.

СДСМ и коалицијата за европска иднина имаат јасна визија и конкретен план, како да обезбедат европска иднина за нашите граѓани и уште поголеми плати и пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобри работни места. Велат, се стремиме да создадеме европски квалитет на живот, безбедност, мир и стабилност, да станеме членка на Европската унија, за да оставиме држава за младите.

Миле Ристески