Синдикат на култура

Вработените во културните институции од утре на протест поради неисплаќање на мартовската плата

18.04.2024 15:05

Мартовската плата за вработените во култура ем доцни, ем не се предвидува да биде исплатена според колективниот договор, обвинува Синдикатот. СОНК денеска се закани со генерален штрајк во културните установи доколку не бидат исполнети нивните барања...

3.000 работници од дејноста култура не ја добиле мартовската плата. За неколку дена ќе останат без здравствено осигурување. Доколку во текот на денот платата не им биде исплатена и усогласена со колективниот договор, а тоа значи повисока за 12,5 отсто, за утре најавија протест.

„Како министерката за култура на 1-ви април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата во согласност со законите и договорите“?- рече Атанасовска, претседателка на Синдикатот на култура.

ССМ: Нема да молчиме и покрај сите притисоци

Мерењето на политичката сила на грбот на граѓаните е неприфатливо. Нема да молчиме и покрај сите притисоци, вели претседателот на ССМ, Трендафилов.

„Ја повикуваме министерката за култура денеска, место да ги повикува во Министерството за финансии да се објаснуваат, да направи максимални напори платите денеска до крајот на работното време да легнат на сметките на овие луѓе“, вели Трендафилов, претседател на ССМ.

Министерството за култура не направило соодветен финансиски план и од таа причина Министерството за финансии не одобрува зголемени плата за 12 отсто, вели Јаким Неделков од СОНК.

Попладнево беа повикани во Министерството за финансии на преговори.

 

Александра Велинова