избори 2024

Ванковска: Страдаме од корумпирани елити

18.04.2024 15:34

Нов граѓански устав кој ќе стави крај на бинационалната држава и на процесот на федерализација, најавува кандидатката за претседател од партијата „Левица“, Билјана Ванковска. Партијата „Левица“ денеска е во посета на Велес...

Се повеќе страдаме од корумпирани елити и од лошо менаџирање на природните ресурси – децидна е кандидатката за претседател од „Левица“, Билјана Ванковска. Во својата изборна програма најави дека ќе бори против корупцијата, но вели дека ќе покрене постапка и за излез од НАТО. Според Ванковска, Македонија е сиромашна земја, нема економски развој, а секоја година за алијансата издвојува по два насто од националниот доход.

„Ние треба да си го гледаме ова парче земја, да се трудиме да не бидеме зависни во земјоделските производи или во која било друга смисла, а не да инвестираме во воениот сектор, мислам дека заканите за Македонија не се од воена природа“, изјави Билјана Ванковска, кандидат за претседател од „Левица“.

Економска трансформација и национализација на ресурсите

Под слоганот „неподмитливите“ во Собрание „Левица“ ја води кампањата за парламентарни избори. Велат, економската трансформација и национализација на сите ресурси кои се клучни за државата.

„Не може една држава, електродистрибутивната мрежа, да ја остави во приватни раце. Не може една држава да ја остави нафтеноводната и гасоводната мрежа во туѓи раце. И во Европската унија, за која ве лажат цело време, и во ЕУ се национализираат главните индустрии, главните капацитети“, изјави Амар Мециновиќ, носител изборна единица 2.

Македонија- рамноправна членка во новиот геополитички поредок

Македонија треба да се позиционира како рамноправна членка во новиот геополитички поредок, велат од „Левица“.

„За разлика од сите останати ние сме изричито против прифаќање на диктати, ние сме против безалтернтивноста која ни се наметнува последните 30 години. Ние сме против била каква промена на Уставот. Граѓаните можат да видат дека единствено „Левица“ и единствено професорката Ванковска се против бугаризација на Уставот“, рече Јована Мојсоска, носител изборна единица 5.

На претстојните парламентарни избори „Левица“ ќе има листи во шесте изборни единици. Велат, ќе им се спротивстават на политичките елити и ќе ја вратат политичката моќ во раце на работничката класа.

 

Андријана Ѓурческа