Како Европскиот фронт предводен од ДУИ го замислува денот по изборите?
На првиот ден од кампањата за парламентарните избори, Европскиот фронт на чело со ДУИ направи симулација на конститутивната седница на новото Собрание, по изборите. Седницата ја отвори лидерот Али Ахмети, а шеф на државата според симулацијата на ДУИ е Бујар Османи. Еве како ДУИ го замислил македонскиот парламент…
Бујар Османи е шеф на државата, Зијадин Села претседател на Собранието, а Бугарите се дел од Уставот. Вака на кратко може да се опише симулацијата на првата конститутивната седница на „победничкото Собрание“ што го одржа коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, по повод првиот ден од почетокот на изборната кампањата за парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.
Османи: Во ЕУ до 2030 година
Во „Собранието“ беше избран и претседателот на државата, а според ДУИ, тоа е претседателскиот кандидат Бујар Османи. Во својот говор истакна дека ги поддржува уставните измени за спроведување на добрососедскиот договор. Потенцира дека на Македонија силно и е потребен консензуален претседател на државата.
„Мојата прва заложба како претседател е да влеземе во ЕУ до 2030 година. Тоа ќе се случи затоа што по отворањето на поглавјата во 2024 година ќе се залагам истите да ги затвориме до 2028, кога ќе почне ратификацијата на договорите со 27 земји на ЕУ и во 2030 година ќе бидеме 28. земја на ЕУ. Улогата на претседателот е да биде авторитет во земјата, креатор на консензус на една мултиетничка држава“, изјави Османи.
Избор на претседател во Собранието
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го прогласи лидерот на Алијанса за Албанците, дел од Европскиот фронт, Зијадин Села, за претседател на Собранието на Македонија.
„Дозволете ми во ваше и во мое име да му го честитам изборот на пратеникот Зијадин Села за претседател на Собранието и да му посакам успех во работата. Ние сме парламентарна република и парламентарната демократија мора да се оствари. Идниот претседател да биде избран со мнозинство парламентарци, по принципот на Бадентер. Затоа, господине претседателе, целосно ги поддржуваме промените во оваа држава“, нагласи Ахмети.
„Бугарите влегоа во македонскиот Устав“
Како трета точка на дневниот ред, беа предложени уставните амандмани со кои бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египетскиот народ ќе станат дел од Уставот на Република Северна Македонија. Со кревање зелен картон наводните пратеници едногласно го избраа Зијадин Села за собраниски спикер. На дневен ред на симулираната седница поминаа и уставните измени и со максимални 120 гласови и Бугарите влегоа во Преамбулата на македонскиот Устав.
„Сметам дека сите 120 пратеници се за уставните измени, затоа е неосновано да се праша кој е „против“ или „воздржан“, сметам дека со 120 гласа „за“ уставните измени на предлогот на РСМ беа одобрени. Честитки и со среќа. Согласно Уредбата на Собранието, а врз основа на извештајот на ДИК, го молам Бујар Османи, претседателот на РСМ, да даде свечена изјава“, рече Села.
Симулацијата на конститутивната седница на Собранието ја отвори претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој, откако ги поздрави пратениците и присутните, најпрвин избра двајца заменици – Фатима Османовска и Бејџан Иљаз, а потоа како прва точка на дневен ред ја предложи верификацијата на мандатите на пратениците избрани на парламентарните избори.
Александра Спировска
