Аналитичари: Политиката е стабилна, Македонија не треба да отстапува од стратешките цели
Новата влада треба да го реши спорот со Грција и да продолжи со реформските процеси, велат соговорниците. Но, интензивно да работи и на имплементирањето на рамковниот договор...

Конзистентниот став за неменување на уставното име како услов за решавање на спорот со Грција е показател дека политиката е стабилна, коментираат за МТВ аналитичари по експозето на Груевски.
Македонија не треба да остапува од стратешките цели, влез во ЕУ и во НАТО иако новиот владин тим е соочен со предизвикот да ја интегрира земјата во меѓународните институции, во крајно тешок период кога проширувањето не е приоритет на Унијата.
„Мислам дека ќе биде многу важно после ова новата влада да направи еден оперативен план, стратегија, што треба да направи Македонија за да го забрзаме процеост на евроатланското интегрирање“, смета аналитичарот Ристо Никовски.
„Секако дека корупцијата и борбата против организираниот криминал, развојот на образованието, развојот на меѓуетничките односи повеќе зависи од внатрешните факотри, вклучувајќи ја Владата, но не само неа. Дел од целите како евроатланските интеграции зависат од нас, но не само од нас“, објаснува аналитичарот Сашо Клековски.
Новата влада треба да го реши спорот со Грција и да продолжи со реформските процеси, велат соговорниците. Но, интензивно да работи и на имплементирањето на рамковниот договор.
„Мислам дека треба да се излезе од овие клишеа, да се деклишетизира таквата политика, за да овозможи да се спроведува рамковниот договор“, смета политикологот Демуш Бајрами.
Аналитичарите со став дека опозицијата треба да се врати во Собранието, а проблемите да се решат со политички дијалог.
Анита Димитријевска
