Иранската воздушна одбрана собори три израелски дрона во Исфахан
Нуклеарните постројки се безбедни, нападот бил насочен кон воздухопловната база. Според медиумите, изутрина се слушнале неколку силни експлозии, но останува нејасно дали земјата е нападната...

Иранската воздушна одбрана собори три, наводно израелски дрона во Исфахан, соопштија властите на Техеран. Нуклеарните постројки се безбедни, нападот бил насочен кон воздухопловната база. Според медиумите, изутрина се слушнале неколку силни експлозии, но останува нејасно дали земјата е нападната.
„Како што гледате, во Исфахан сега е мирно, луѓето нормално се движат. Два или три часа претходно, на полноќ, се слушнаа силни експлозии. Според информациите што ги добивме, соборени се неколку мали дронови. Безбедносните власти на Исфахан не ни дадоа никакви информации“, изјави новинар на „Ириб“ во Исфахан, Иран.
Израел сè уште нема официјален коментар за нападот, иако претходно Тел Авив неколкупати повтори дека ќе возврати на Иран. Неколку часа пред нападот Техеран го предупреди Израел за натамошните воени дејствија.
„Во случај на каква било употреба на сила од страна на израелскиот режим, ни најмалку нема да се двоумиме да одговориме на тоа така што ќе ги натераме да зажалат за своите постапки“, изјави Хосеин Амир Абдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.
Блискиот исток е на раб на пропаст, предупреди шефот на ООН и повторно повика на воздржаност и дијалог.
„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка-би можеле да доведат до незамисливото: регионален конфликт од целосен обем, катастрофален за сите инволвирани и за остатокот од светот. Моментот на максимална опасност мора да биде време за максимална воздржаност“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Израелскиот премиер претходно разговараше со официјалните лица од разузнавачките единици на Мосад и Шин Бет истакнувајќи дека Израел останува посветен да ја победи терористичката оска во газа, да ги ослободи заложниците и да ја одбие севкупната закана од Иран.
Бојана Крстевски
