Избори 2024

ВМРО-ДПМНЕ по традиција од Охрид ја започна кампањата за парламентарните избори

19.04.2024 13:19

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ синоќа во Охрид ја започнаа кампањата за парламентарните избори. Мицкоски рече дека очекува голема победа, при што посочи дека доаѓа цунамито кое СДСМ и ДУИ ќе ги одвее од политичката сцена. Силјановска-Давкова нагласи дека граѓаните ќе одлучат дали Македонија како горда навистина ќе биде проевропска, бидејќи ако таа не е на граѓаните и не биде горда не може да биде ниту европска држава...

На 9-ти Мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот, Денот на Европа, но ќе ја славиме Македонија како своја и Македонија како горда. Ова на митингот во Охрид го рече претседателскиот кандидат Гордана Силјановска-Давкова нагласувајќи дека Охрид е споменик и дом на христијанството, поради што час поскоро треба да се активира Универзитетот на Плаошник.

Час поскоро да се активира Универзитетот на Плаошник

„Ако започна изградбата во времето на ВМРО-ДПМНЕ мора да доврши. Плаошник може да биде центар на дијалог на цивилизациите, дијалог на религиите, центар на културен дијалог“, изјави Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Македонија да се врати во рацете на народот

Наша цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот и да ја одземеме од рацете на стотина функционери на ДУИ и нивните измеќари од СДСМ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги дека поради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изгубила и понижила Македонија.

„Рекордери сме во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува. Рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација. 600 илјади наши граѓани живеат со 150 денари на ден, а македонската младина е најнесреќна во Европа“, изјави Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Сајкоски побара поддршка од граѓаните

Носителот на Листата во 5-тата Изборна единица, Ѓорѓија Сајкоски побара силна поддршка од граѓаните.

„Да ги запреме овие неработници или ќе се откажеме. Ќе ги запреме овие неспособни манипулатори или ќе се предадеме. Не, нема ниту да се покориме, нема ниту да се предадеме, нема ниту да се откажеме, ќе се бориме“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, носител на Листа во 5 Изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ.

Победата мора да биде голема, во нас повторно да се роди пркосот, порача од Охрид Мицкоски, бидејќи повеќе не им ја даваме Македонија и нема да им дозволиме да си играат со нашите и животите на нашите деца.

 

Сашо Нелоски