Османи: Да го продолжиме патот на соживот и влез во ЕУ
Кандидатот за претседател од Европскиот фронт, Бујар Османи ја побара поддршката од кумановци. Тој бара гласот да се даде за да продолжи патот кон Европската унија, но и соживотот во државата. Истакна дека ќе биде претседател на сите граѓани...

„Да продолжи да се гради патот на соживот во државата, но и влезот во Европската унија. Со нашиот фронт да креираме иднина посакувана за сите граѓани во Македонија“, истакна пред кумановци кандидатот за претседател на државата од коалицијата Европски фронт, Бујар Османи. Тој потенцираше дека историски е денот за избор на прв претседател Албанец. Нагласи дека ова треба да биде инспирација за секое дете, од која било националност, дека веќе нема никакви граници. „Да ги урнеме сите бариери коишто ги вградиле во нашите глави, дека можностите се само за одредени луѓе. Заедно и обединети, можеме да го оствариме ова“, рече Османи обраќајќи се во Куманово.
„За неколку дена треба да кажете дали сте соживотот да продолжи. Дали сакаме да градиме ѕид кон овој национализам, со кој сакаат да се нарушат односите со соседите, светот, Европа. Бараат 61 пратеник, за да не исклучат нас, Ромите, Босанците, Турците. Бараат враќање на состојбата пред 2001-ва година и ова ќе биде возможно само за неколку дена ако не се мобилизираме и кажеме стоп“, истакна Османи.
Политика која гарантира иднина и сигурност
На државата и треба стабилност и политика која гарантира иднина и сигурност, а тоа може да го постигнат само подготвени кадри, посочи лидерот на ДУИ, Ахмети. Тој нагласи дека дел од фронтот се девет политички албански партии. Лесно може да се земе мандатот за управување на државата и ние не ги криеме овие наши претензии,, посочи Ахмети.
„Овој фронт навистина има човечки капацитети, образован кадар. Да ја коментирам суперлигата со општинска, не е добро. Но да управуваш министерство за надворешни работи и да бидеш пофален од поголемите светски држави за успешно менаџирање, тоа е за почит. Бујар има големи заслуги за односите и со соседните држави, Таравари пак може да управува само со општина“, рече лидерот на ДУИ.
Никој нема да го попречи патот на „Европскиот фронт“
Носителот на пратеничката листа во изборната единица 2 од коалицијата „Европски фронт“ потенцираше дека имало обиди дел од нивните соборци да се отцепат. Но напротив, делувањето, рече, е зајакнато и оние што мислат дека ќе го попречат патот на „Европскиот фронт“ се во голема заблуда.
„Оваа слобода денеска ја донесе онаа генерација. Но, истата мисија ја има Европскиот фронт. Заедно, обединети, како што го добивме сите битки, така треба да бидеме и 2024-та. Да го донесеме првиот претседател Албанец. Вие денеска не треба да држите пушка и да се воспитувате. Квалитетното образование го носи само Европскиот фронт“, истакна носителот на пратеничката листа во ИЕ 2, Садула Дураку.
Пред кумановци се обрати и коалицискиот партнер Зијадин Села, кој нагласи дека граѓаните нема да дозволат да се дестабилизира државата. Гласот за фронтот рече е глас за влезот на Македонија во ЕУ, повратен билет за сите млади коишто се отселиле. Фронтот, рече, ќе се обиде да обезбеди идентичен број гласови како и двата блока. Коалицијата „Европски фронт“ верува во сигурна победа.
Елена Георгиевска
