Велигденски концерт на „Танец“ во НОБ
На програмата ќе бидат повеќе дела меѓу кои „Ѓурѓовденка“, во кореографија на Дојчин Матевски која всушност е сплет од игри и песни од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, поврзани со истоимениот пролетен празник...

Вечерва во Националната опера и балет ќе се одржи Велигденски концерт на ансамблот „Танец“.
На програмата ќе бидат повеќе дела меѓу кои „Ѓурѓовденка“, во кореографија на Дојчин Матевски која всушност е сплет од игри и песни од Скопска Блатија и Скопска Црна Гора, поврзани со истоимениот пролетен празник. Музичка обработка е на Ѓорѓи Димчевски.
На програмата е и „Мечкари“, што е фрагмент од кореографската постановка „Прилепски игри“, инспирирана од традицијата за верскиот празник Прочка. Кореографијата е на Стојче Каранфилов, а музичката обработка на Милан Завков.
На концертот ќе биде прикажана и „Мариовска тресница“, една од постарите игри во репертоарот на „Танец“, во кореографија на Јонче Христовски и музичка обработка на Ѓорѓи Димчевски.
Публиката ќе може да ја види и најновата кореографска постановка на Танец, „У ливаду“, којашто ќе биде премиерно изведена. Преку обработка на изворни ора, песни и соодветни кореографски решенија, се прикажуваат сцени од една селска ливада. Кореографијата е на Јовица Блажевски, а музичката обработка на Сашо Митев.
Дел од програмата е и „Свадба“, во кореографија на Благоја Филиповски и музичка обработка на Ратко Гелевски и Томе Цветковски.
Ансамблот „Танец“ е основан во март 1949-та година во Скопје. Веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и еден од главните темели на македонската државност
