Отворен македонскиот павилјон на Венециското биенале
Делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It’s Liquid, Art Review, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми...

Повторно нашето културно богатство е стационирано на светската културна манифестација Венециско биенале. Делото на Славица Јанашлиева во контекст на годинашната тема „Странци насекаде“, со наслов „Помеѓу надеж и страв“ / „Inter Spem et Metum“ се занимава со аспектот на странецот, на „другиот“, виден низ многу слоевити нивоа на антиципација на контекстот. Проектот го курираше Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија.
Делото веќе го привлече вниманието на домашните и меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It’s Liquid, Art Review, а најавени се и интервјуа со авторката со новинари на странски и локални медиуми. Ваквиот интерес дополнително потврдува дека нашата земја има уметници за кои вреди да се бориме, да бидат поддржани. Да не има на светската културна мапа, еднакви меѓу останатите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува со учество на вакви манифестации како Биеналето, вели комесарот, Дита Старова Ќерими.
Павилјонот е отворен за пошироката публика и во него можете да се ужива секој ден, освен понеделник од 11 до 19 часот.
Трансмедијалниот и транснаративен проект на Славица Јанешлиева претставува визуелно исчистена и концептуално предвидена просторна инсталација, која на прилично чувствителен и имагинативен начин нè фрла во цивилизацискиот отпад. Преку мултидимензионални, медиумски платформи и материјали, како што се пердуви, лед-неонски знаци, проекции, огледала, Јанешлиева нè лансира во неколку концептуално-наративни матрици, каде што нè поттикнува да се соочиме со чувството да се биде странец, она кое е присутно насекаде: во себе, во тебе, во нив, во нас … Имено, таа нè предизвикува со прифаќање или неприфаќање на различните етикети од познатите и обичните на масите; опфаќајќи ги разликите врз основа на пол, сексуална ориентација, изглед, однесување, став, болест, националност, религија, јазик, политичка ориентација-вели кураторот, Ана Франговска.
Фото: Роберт Јанкулоски
