Израел го нападна Иран

Техеран нема итни планови за одмазда

19.04.2024 13:45

Експлозии во иранскиот град Исфахан. Техеран тврди дека Израел извршил неуспешен напад со дронови. Нема итни планови за одмазда. Тел Авив молчи. Двете страни да се воздржат од натамошни дејствија – повика меѓународната заедница…

Техеран нема итни планови за одмазда на израелскиот напад во Исфахан. Според властите, воздушната одбрана соборила три дрона. Потврдија дека нуклеарните постројки се безбедни, а цел била иранската воздухопловна база.

„Генерал-мајор Михандуст-висок воен функционер, потврди дека имало експлозии на истокот на Исфахан предизвикани од три мали дронови. Нема никакви штети. Сè е вратено во нормала“, пренесе иранската телевизија.

Иранскиот претседател не даде коментар, но повтори дека неодамнешниот одмазднички напад во Израел ја покажал гордоста и моќта на неговата земја.

„Оваа операција стана знак на моќта на Исламската република и нејзините вооружени сили. Извор на гордост и моќ“, рече Ибрахим Раиси, ирански претседател.

Меѓународната заедница повика на воздржаност

Израел не го потврди нападот, иако Тел Авив неколкупати повтори дека ќе возврати на Иран. Меѓународната заедница повика на воздржаност.

„Мора да направиме сè што е можно двете страни да се воздржат од ескалација во регионот. Апсолутно е неопходно тој да остане стабилен, а тие да се воздржат од натамошни активности“, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.

„Сите мораме сега и во блиска иднина да се погрижиме да нема понатамошна ескалација на војната“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

„Ескалацијата не е во ничии интереси. Она што сакаме да го видиме е да преовладуваат мирни глави низ регионот“, нагласи Риши Сунак, премиер на Велика Британија.

Експлозиите во Иран ја променија и агендата на последниот ден од Г-7 самитот во Капри.

Бојана Крстевски