ВМРО-ДПМНЕ ја претстави платформата во Крива Паланка
Враќање на државата на народот и подобра иднина, ветија кандидатката за претседател од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова и лидерот Мицкоски пред кривопаланчани. Тие посочија дека мора да се стави крај на корупцијата и криминалот...

Најважната битка што мора да почне на 24 април е бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, е пораката што ја упати на средбата со кривопаланчани кандидатката за претседател од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Силјановска Давкова оцени дека државата не функционира како правна. Вети дека ќе отвори народни канцеларии, ќе ги следи носињата на законите во Собранието, ќе креира безбедносна политика, но и ќе работи за да се вратат младите во државата.
„Ќе направам кабинет во кој ќе има ќе има место за најранливите за да се идентификуваат со нив, тоа ќе биде Македонија во мало. Ќе помилувам тогаш кога ќе треба, ќе доделувам награди на најдобрите“, истакна кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Национално обединување
Лидерот на партијата Мицкоски обраќајќи се истакна дека државата е во хаос. Институциите се парализирани, изгубена е довербата во политичарите. Повика на национално обединување и понуди конкретни проекти со платформата 1198.
„250 милиони евра за инвестиции во општините. Реорганизација на министерствата и институциите и ќе го намалиме бројот на функционери. Грижа за најранливите категории преку повеќе мерки и реформи меѓу кои и зголемување на надоместок за социјална заштита. Зголемување на пензиите за 5.000 денари“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Носителот на изборната листа Ковачки истакна дека платформата нуди проекти, реформи и иднина.
„Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на економски раст од 5 проценти, намалување на невработеноста на 7,5 проценти и нови 55.000 вработувања, на ниски даноци и рамен данок, на 2 милијарди евра за патна инфраструктура, изградба на нови патишта и реконструкција на постоечките“, истакна тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикаа граѓаните да излезат масовно и да го дадат гласот за враќање на државата.
Елена Георгиевска
