Избори 2024

СДСМ: Патот кон ЕУ е вистинскиот исправен пат

20.04.2024 14:50

На 24-ти април ќе се знае кој ќе победи на 8-ми мај и затоа треба да заокружите број еден. Тоа е гаранција дека Македонија ќе оди напред, порача од општина Бутел кандидатот за претседател Стево Пендаровски. На митингот на Коалицијата за европска иднина во Охрид, Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, рече дека Мицковски и Силјановска ветуваат алтернативни решенија за членство што е само продавање магла, посочувајќи дека со ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја пропуштиме нашата шанса...

ВМРО-ДПМНЕ свесно ја лажеше јавноста околу договорите со соседите, затоа сега оваа партија тврди дека членството во НАТО сега е вредност клучна за безбедноста и дека историските прашања не се дел од европскиот предлог. Ова на митингот во општина Бутел го рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски укажувајќи дека патот кон ЕУ е вистинскиот исправен пат, кој нема да не врати назад во балканската неизвесност.

„Немаме потреба да правиме нов устав, немаме потреба да преговараме нови договори со Грција и Бугарија, немаме потреба да ги репреговараме договорите со ЕУ. Имаме потреба да ги извршиме тие обврски и за 4-5 години да станеме полноправна членка на Унијата, каде што одамна заслужуваме да бидеме“, изјави Стево Пендаровски-кандидат за претседател на СДСМ.

Поефикасна, решителна и конечна борба против корупцијата

Нашиот главен фокус останува членството во ЕУ, која е единствена шанса Македонија да се промени и напредува. Ова на митингот во Охрид го рече лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски при што вети поефикасна, решителна и конечна борба против корупцијата. Јасно и гласно порачувам дека заврши времето на злоупотреби, предмети во фиоки, рече тој најавувајќи сериозни реформи во судството. Ковачевски порача дека конечно ќе се спроведе ветинг на судии и јавни обвинители, но и дека ќе се направи проверка на потеклото на имотот на сите функционери почнувајќи од 1991 година до денес. Така ќе се воведе ред и ќе се види кој загрнал богатство за да може да влијае во системот, во судството и во медиумите.

„И јас и мојот тим знаеме дека имаше голем број пропусти и грешки. Ги слушнав критиките на граѓаните за високите цени, за корупцијата, за проблемите во здравството, во образованието, во владеењето на правото. Требаше да направиме повеќе и подобро“, изјави Димитар Ковачевски-лидер на СДСМ.

ЕУ ни е потребна за платите и пензиите да растат побрзо, за побрзо да се развиваме инфраструктурно, да го унапредиме туризмот, за да живееме просечен европски живот без грижи, рече носителот на листата во 5 ИЕ, Јован Митрески.

„Поминавме и поминуваме сериозни економски последици од ковид кризата, но и од војната во Украина. Се покажа дека како мала економија сме ранливи, затоа потребна ни е ЕУ за побрзо да ги донесеме европските вредности дома“, изјави Јован Митрески-носител на листата на СДСМ во 5 ИЕ.

Покрај покачување на минималната и просечната плата и пензиите Ковачевски од Охрид, најави драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. До 180 илјади денари за специјалисти, до 120 илјади денари за општи лекари и до 90 илјади денари за медицинските сестри, а за граѓаните како што рече ќе обезбедат целосно укинување на партиципацијата од 20 проценти.

 

Сашо Нелоски