Блиски Исток

Преговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот и натаму во ќорсокак

20.04.2024 12:02

Блискиот Исток не мирува, нападната база на проиранските милиции во Ирак. САД и Израел негираат вмешаност. Вашингтон и Брисел воведоа санкции поради насилство врз Палестинците на Западниот брег. Преговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот и натаму во ќорсокак...

Експлозии во база на проиранските милиции во Ирак, на 50 километри јужно од Багдад, неколку часа откако биле лансирани беспилотни летала кон израелската воздухопловна база во близина на Елиат. САД и Израел негираат вмешаност. ООН со став, крајно време е да запре циклусот на одмазда на Блискиот Исток.

„Генералниот секретар ги осудува сите акти на одмазда, апелира до меѓународната заедница да работиме заедно за да спречиме каков било понатамошен развој што може да доведе до катастрофални последици за целиот регион и пошироко“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Израел вчера изврши напад на иранска територија, неколку дена откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили кои главно беа пресретнати и уништени. Од Вашингтон негираат дека учествувале во акциите и тврдат оти работат на деескалација во регионот. И додека израелската армија ги продолжува рациите на Западниот Брег, ЕУ и САД воведоа санкции поради насилство врз Палестинците.

„Соединетите Држави не биле вклучени во никакви офанзивни операции. Тоа на што сме фокусирани ние и Г7 е деескалација на тензиите и спречување на кој било потенцијален конфликт и да се осигураме дека Израел може ефективно да се одбрани. Воедно и да избегне конфликт, и тоа останува наш фокус“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Предупредување и од либански Хезболах, кој со месеци разменува оган на границата со Израел. Велат дека се доволно силни да ги натераат Израелците да направат многу калкулации пред да влезат во каква било отворена конфронтација.

„Израелците, со западна поддршка, ако добијат зелено светло, ќе почнат регионален конфликт. Никој нема интерес да оди во отворена конфронтација, регионална сеопфатна војна во регионот“, изјави Ибрахим Мусави, пратеник на Хезболах.

Преговорите меѓу Израел и Хамас, со посредство на американски, катарски и египетски преговарачи се во ќорсокак откако Хамас го отфрли последниот предлог за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Војната на Блискиот Исток трае повеќе од шест месеци, откако Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, предизвикувајќи израелска офанзива во Газа.

 

Маријана Димовска