Интеграцијата во ЕУ и НАТО единствена алтернатива на Балканот
Балканските земји немаат друга алтернатива освен интеграција во Европската унија и НАТО. Ова беше посочено на третата меѓународна конференција „Балканот во новиот милениум: Од балканизација до еутопија“, која се одржа на Штуловиот универзитет...

Балканизацијата како поим има негативна и деструктивна конотација. Најважно за балканските земји е да најдат начин да излезат од тој процес, смета универзитетскиот професор Али Пајазити.
„Една утопија која што може да се реализира ако сите се стремиме да одиме кон еден ист објектив, а тоа се благосостојбата, демократијата, вредностите...“, изјави Али Пајазити – Професор на УЈИЕ.
Според директорот на Институтот за социолишки и политичко - правни истражувања Јорде Јакимоски, за да успее процесот на евроатланска интеграција на балканските земји кои смета дека имаат слични афинитети, потребна е промена на менталитетот и прифаќање на европските вредности.
„Треба да се работи на демократските процеси, на заживувањето на пазарната економија, но ќе мора и ЕУ нешто да прифати од она што го поседуваат овие општества на Балканот“, изјави Јорде Јакимоски - Институтот за социолишки и политичко - правни истражувања при УКИМ.
За ректорот на Штуловиот универзитет Замир Дика, владите и политичките партии од регионот имаат исто гледиште: евроатланските интеграции се единствена алтернатива.
„Ние треба да ги оптимализираме нашите ресурси, да знаеме каде да инвестираме, како тоа да го промовираме во ЕУ“, изјави Замир Дика – Ректор на УЈИЕ.
Овие ставови беа дел од третата меѓународна конференција „Балканот во новиот милениум: Од балканизација до еутопија“, која се одржа на Штуловиот универзитет. На неа учествуваа претставници на балканските земји, САД, Канада и Шведска.
Зоран Јованоски
