Османи и коалицијата изборната програма ја презентираа пред жителите на Џепчиште
Да го спречиме овој национализам кој сака да не блокира од светот, да ги направиме уставните измени оваа година – порача претседателскиот кандидат Бујар Османи, поддржан од ДУИ и коалицијата Европски фронт. Тие синоќа изборната програма ја презентираа пред жителите на Џепчиште.

Овие избори се важни бидејќи пред нас имаме две алтернативи – интеграција или изолација – порача Бујар Османи во обраќањето пред граѓаните во општина Врапчиште. Во деновите на кампањата имав можност да поминам многу населени места и едно повторно потврдив – различноста на јазиците и културите е нашата убавина, единството и обединувањето се нашата сила, рече Османи пред граѓаните. Вели, имаме меѓуетничка хармонија за која другите земји можат да сонуваат, ние сме членки на НАТО, почнавме разговори со ЕУ, ни треба многу малку за да ја направиме оваа земја членка на ЕУ.
„Една силна поддршка од вас, за да го спречиме овој национализам кој сака да не блокира од светот, да ги направиме уставните измени оваа година, да ги отвориме поглавјата оваа година, да ги затвориме до 2028 и да ја направиме земјата членка на ЕУ“, изјави Османи.
Села: Единствена алтернатива е членството на земјата во ЕУ
На митингот во Врапчиште ДУИ и коалицијата Европски фронт со предизборно претставување на програмата. Села ја истакна важноста на интеграцијата на земјата во Европската Унија. Вели дека нема враќање назад, единствена алтернатива е членството на земјата во ЕУ бидејќи таму е иднината на оваа земја. Според Села, гласот за Европскиот фронт на 8 мај е повратен билет за нашите деца кои тргнале по патот на егзилот.
„Ние ќе го направиме изборот, многу брзо ќе бидеме дел од европската Унија, или со нашиот глас ќе направиме земјата да стагнира, земјата да се изолира и со тоа да дозволи руско влијание овде во Северна Македонија“, изјави Села.
Иднината на оваа држава е најголема одговорност на двете најголеми заедници
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека овој фронт не е привремен, туку ќе биде за многу подолга работа и активност, повикувајќи на 24 април да се гласа за Бујар Османи за претседател и на 8 мај за Европскиот фронт. Според него, иднината на оваа држава е најголема одговорност на двете најголеми заедници, Албанците и Македонците. Но, граѓаните кои се во помал број не се странци. Ова обединување требаше да се направи порано, рече Ахмети.
„Сите да се солидаризираме и да гласаме за Бујар Османи како најзаслужен и на 8-ми мај да се мобилизираме и организираме за да победиме убедливо за посилна застапеност и подобра организација на сите институции“, изјави Ахмети.
ДУИ и европскиот фронт побараа поддршка од граѓаните и порачаа дека коалицијата ќе продолжи да се зајакнува.
Игор Панов
