САД

Претставничкиот дом на САД го поддржа Нацрт-законот за помош на Украина и Израел

21.04.2024 12:52

Американскиот претставнички дом успеа да обезбеди мнозинство за одобрување пакет од 95 милијарди долари помош за Украина, Израел и Тајван. Се очекува законот да добие зелено светло уште во почетокот на идната недела. Најголем дел од колачот, околу 61 милијарда долари оди кај Украина. Кремљ со реакција.

По неколку месечни превирања и блокади, американскиот Претставнички дом успеа да обезбеди мнозинство за одобрување пакет од 95 милијарди долари помош за Украина, Израел и Тајван. Сега законот оди во Сенатот кој е под контрола на демократите и се очекува да добие зелено светло уште во почетокот на идната недела. Главното лобирање за законот го имаше спикерот Џонсон, кој мораше да работи со демократите за надминување на разликите со републиканците, ставајќи ги настрана барањата на тврдокорните конзервативци.

„Тројца од нашите главни противници, Русија и Иран и Кина работат заедно, и тие се агресори низ целиот свет, и тие се глобална закана за нашиот просперитет и нашата безбедност. Нивниот напредок го загрозува слободниот свет и тоа доколку го свртиме грбот токму сега, последиците би можеле да бидат погубни“, изјави Мајк Џонсон – претседател на Претставничкиот дом.

Најголем дел од колачот, околу 61 милијарда долари оди кај Украина, помош за справување со руската инвазија во земјата. Украинскиот претседател Зеленски упати благодарност до Американскиот конгрес.

„Америка го покажа своето лидерство уште од првиот ден на оваа војна. Ваквото американско лидерство е од клучно за одржување на меѓународниот поредок заснован на правила и предвидливост на животот за сите народи. Ние ќе ја искористиме американската поддршка за праведен крај на оваа војна – војна којашто Путин мора да ја загуби“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

61 милијарда долари оди кај Украина

Пакетот предвидува и 26 милијарди долари помош за Израел и за цивилите во конфликтните зони, вклучително и за Газа, како и 8 милијарди долари за Индопацификот. И премиерот Нетанјаху го поздрави одобрувањето на законот за странска воена помош. Рече дека гласањето на американскиот конгрес е поддршка за Израел и за одбрана на западната цивилизација. Коментар и од Кремљ. Портпаролот Песков рече дека со овој закон, САд ќе станат уште побогати, а Украина ќе биде уште повеќе уништена.

 

Маја Стојанова