СДСМ и коалицијата со митинг пред седиштето на Европската унија
СДСМ и коалицијата попладнево со митинг пред седиштето на Европската унија во Македонија. Кандидатот за претседател Пендаровски порача – граѓаните знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме. Според лидерот на СДСМ, Ковачевски, Македонија со добри политики и искрен план кон граѓаните ќе биде дел од Европската унија до 2030-та. Обраќање имаа и носителите на листи на коалицијата „За европска иднина“.

Сега е време за повеќе и подобро! Затоа, ни треба продолжувањето на добрите политики што ги почнавме. Ни треба продолжување на европскиот пат и членството во Европската унија. Не само поради членство, туку поради тоа што граѓаните сакаат да имаат држава со подобар економски стандард, со подобро образование, со подобро здравство, со подобро владеење на правото, со помалку корупција – рекоа говорниците на сенародниот митинг организиран од СДСМ и коалицијата „За европска иднина“.
Во 30 години независност убеден сум дека граѓаните знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме, истакна претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Просечна плата од 1.100 евра до крајот на следниот мандат
Социјалдемократите со ветување за просечна плата од 1.100 евра до крајот на следниот мандат. Велат дека мандатот во 2028 година ќе го завршат со заштитено достоинство на пензионерите, затоа што просечната пензија ќе достигне 30.000денари. Лидерот на партијата Ковачевски порача дека Македонија со добри политики и искрен план кон граѓаните ќе биде дел од Европската унија до 2030-та.
Инвестиции во висина од над 2,7 милијарди евра
Пред присутните на митингот се обратија и носителите на листи на коалицијата „За европска иднина“. Најавени инвестиции во висина од над 2,7 милијарди евра – за модернизација на инфраструктурата во сите општини низ цела држава.
Во програмата на коалицијата „За европска иднина“, најавено 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство. 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Стабилна даночна политика во делот на ДДВ., а ќе почнат и со анализа за намалување на еден час од работното време. Во програмата на социјалдемократите најавени и грантови и помош за земјоделците, но и зголемени плати за докторите и другиот медицински персонал.
Миле Ристески
