Продолжуваат антивладините протести во Израел
Офанзивата продолжува, а војската постигнува напредок заедно со другите цели на војната, тврди одбраната на Израел. Дел од плановите се и воени операции во градот Рафах на југот од Појасот Газа. Демонстрантите во Израел ги продолжија антивладините протести...

Офанзивата продолжува, а војската постигнува напредок заедно со другите цели на војната, тврди одбраната на Израел. Дел од плановите се и воени операции во градот Рафах на југот од Појасот Газа. Наскоро се очекува евакуација на цивилното население. Во текот на ноќта, израелско беспилотно летало е соборено над Либан. Врз дронот, што оперирал во либанскиот воздушен простор, бил лансиран проектил земја-воздух.
„Началникот на Генералштабот ги одобри плановите за продолжување на борбите. Наша работа е да продолжиме да го разбиваме Хамас и да направиме се за да ги вратиме заложниците и напредуваме во ова заедно со другите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Преговорите за прекин на огнот во ќорсокак
Демонстрантите во Израел ги продолжија антивладините протести. Бараат итно ослободување на заложниците. Преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и натаму се во ќорсокак. Сите предлози за ослободување на луѓето што ги држи Хамас беа целосно отфрлени, вели премиерот Нетанјаху
„Во наредните денови ќе го зголемиме воениот и политичкиот притисок врз Хамас, бидејќи само така ќе ги ослободиме нашите заложници и ќе ја постигнеме нашата победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи им се заблагодари на вооружените сили на земјата за операцијата против Израел. Иран лансираше стотици беспилотни летала, балистички и крстосувачки ракети кои се обидоа да ја совладаат израелската противвоздушна одбрана во нападот на 13-ти април.
„Дебатите за тоа колку проектили биле испукани, колку од нив ја погодиле целта, а колку не, се од второстепено значење. Главното прашање е појавата на иранската нација и волјата на иранската војска во важна меѓународна арена“, изјави Ајатолахот Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Ракетирана базата на американската армија во Сирија
Во меѓувреме, најмалку пет ракети биле истрелани од ирачкиот град Зумар кон базата на американската армија во североисточна Сирија. Нападот е прв од почетокот на февруари, кога групите во Ирак поддржани од Иран ги прекинаа ракетирањата врз американските сили. Најновите случувања на Блискиот Исток, една од темите, од денеска до четврток во Стразбур на последното пленарно заседание на Европскиот парламент пред одржувањето на изборите за нови европратеници.
Маријана Димовска
