Избори 2024

Таравари очекува победа

22.04.2024 12:38

Очекувам победа на претстојните избори, но потребна е вонредна мобилизација, изјави на митинг во Гостивар, кандидатот за претседател од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари. Свои говори имаа и носителите на листите за парламентарните избори од „Вреди“ …

Ве повикувам и ја барам поддршката од вас за остварување на првата победа на 24-ти април и конечната победа на коалицијата „Вреди“ на 8-ми мај, истакна претседателскиот кандидат Арбен Таравари. Ве замолувам за вонредна мобилизација, за да ја направиме разликата од 7.000 гласови како што ветивме. Ми велат дека тоа сум го ветил и сега треба заедно да го направиме, дополни тој.

Разлика од 7.000 гласови

„Во 2016 година во Гостивар ја победивме ДУИ, а на овие избори победата на „Вреди“ ќе биде со голема разлика. Победите овде од Гостивар од 2016 се редат една по друга и нема дилема дека повторно ќе се издвојува голема победа во Гостивар на 24-ти април, но не ја знам разликата. Сè уште се сомневам дали ќе победиме во Гостивар со 5.000, 6.000 или 7.000. Затоа, овие два-три дена да продолжиме да работиме заедно“, изјави Арбен Таравари кандидат за претседател од коалицијата „Вреди“.

Носителот на кандидатската листа за пратеници во ИЕ6 и лидер на „Беса“, Биљал Касами упати критики до политичките противници од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Голема мобилизација 

„Народот вели дека затворот е за мажи, но и за криминалци. Криминалот не поминува неказнето, бидејќи во спротивно, продолжува. Од тука ви испраќам поздрав, ви кажуваме дека не се плашиме од вас, дека не се плашевме од режимот на Милошевиќ и не се плашиме од шпиони или пиони на Вучиќ, Ви ветувам голема победа, Затоа од вас барам голема мобилизација и сите масовно да гласаме на 24-ти април и 8-ми мај“, изјави Биљал Касами.

Лидерот на Демократското движење Изет Меџити порача дека со „Вреди“ ќе има правна држава.

Реформи со ветинг во правосудството

„Ви ветуваме дека владеењето на правото ќе функционира. Ќе правиме реформи со ветинг во правосудството. Ќе ги ослободиме од затвор сите неправедно осудени Албанци. Вашите проблеми ќе добијат решенија и ќе добиете Влада која го слуша граѓанинот, влада која му служи на граѓанинот, Влада посветена на граѓанинот, рече Меџити. Затоа повикувам на масовно гласање и на претседателските и на парламентарните избори. Ќе победи Таравари, ќе победи и Вреди“, изјави Изет Меџити.

Лидерот на Алтернатива и носител на кандидатската листа за пратеници во ИЕ2 Африм Гаши порача дека од Гостивар почнува промената и дека овој град е клучот за тоа.

 

Зоран Димовски