Избори 2024

Силјановска-Давкова: Да ја браниме татковината, националните и државни интереси

22.04.2024 12:13

Коалицијата „Твоја Македонија“ денеска е во Лозово, Карбинци, Пробиштип и во Штип откако се претстави во скопските општини. Кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова вели дека земјава мора да се справи со мафијата, која според неа е вгнездена на највисоките позиции и да има транзициска правда. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, порача дека е време за обединување и единство, а не за поделби...

Наш прв интерес е да ја браниме татковината, националните и државни интереси, да го почитуваме Уставот кој вели дека сите се еднакви без разлика на припадноста и затоа е крајно време да се погрижиме за најранливите, порача од митингот во Гази Баба, кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова. Најави дека во рамки на нејзиниот кабинет, ако ја добие довербата, планира формирање на посебен совет за Роми.

Партискиот лидер Мицкоски порача дека е време за промени. Според него, инфлацијата три пати го изела зголемувањето на платите, а државата, како што рече – е рекордер во Европа по криминал и корупција.

Стратегија за економски раст 

Презентирајќи ја програмата, носителот на пратеничката листа во двојката Владо Мисајловски посочи дека партијата има стратегија за економски раст од 5 проценти.

Меѓу останатото, ВМРО-ДПМНЕ планира отворање на 50 илјади работни места, 500 вработувања во здравството и 5 илјади денари за сите пензионери.

 

Анита Димитријевска – Велковска