Израел

Началникот на израелскиот воен штаб одобри продолжување на војната во Газа

22.04.2024 11:39

Жестоки борби во Газа. Израел не ги отфрла плановите за офанзива на Рафа. Расте притисокот врз Нетанјаху за што поскоро ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Шефот на израелското воено разузнавање поднесе оставка. Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран на највисоко ниво по меѓусебните напади на двете земји...

Продолжува офанзивата во Појасот Газа, војската постигнува напредок заедно со другите цели на војната, тврди одбраната на Израел. Одобрени се и планови за воени операции во Рафах, се очекува евакуација на населението. Синоќа, израелско беспилотно летало е соборено над Либан. Три лица се повредени во напад во Ерусалим, полицијата уапсила двајца осомничени откако автомобил удрил во пешаци.

„Началникот на Генералштабот ги одобри плановите за продолжување на борбите. Наша работа е да продолжиме да го разбиваме Хамас и да направиме се за да ги вратиме заложниците и напредуваме во ова заедно со другите цели на војната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Шефот на израелското воено разузнавање поднесе оставка

Ахарон Халива, шефот на израелското воено разузнавање поднесе оставка. Тој е првиот висок израелски функционер што се повлекува по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 луѓе, а 250 беа заробени. Во Израел продолжуваат антивладините протести со барање за итно ослободување на заложниците. Премиерот Нетанјаху вели дека Хамас ги одбил сите предлози.

„Ја повикуваме владата, ако не може да ги врати заложниците, нека ја отстапи функцијата на некој што може да ја направи оваа зделка“, рече демонстрант.

„Во наредните денови ќе го зголемиме воениот и политичкиот притисок врз Хамас бидејќи само така ќе ги ослободиме нашите заложници и ќе ја постигнеме нашата победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Блискиот Исток тема на пленарното заседание на ЕП

Најновите случувања на Блискиот Исток, тензиите на Западниот Брег и неодамнешниот напад од Иран врз Израел, една од темите на пленарното заседание на Европскиот парламент во Стразбур и на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург.

„Ние треба да зборуваме за Блискиот Исток, ќе зборуваме за санкциите кон Иран. Се надевам дека ќе има голем пакет санкции и голем дел од нив ќе се согласат, ни треба едногласност. Нападите против Палестинците се зголемуваат. Мораме повторно да ги разгледаме санкциите против насилните доселеници“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во меѓувреме, најмалку пет ракети биле истрелани од ирачкиот град Зумар кон базата на американската армија во североисточна Сирија. Нападот е прв од почетокот на февруари, кога групите во Ирак поддржани од Иран ги прекинаа ракетирањата врз американските сили.

 

Маријана Димовска