Од полноќ почнува молкот за претседателските избори
Завршува кампањата пред гласањето во првиот круг на претседателските избори. На полноќ почнува изборниот молк, пред граѓаните да ја донесат одлуката, кого ќе поддржат од седумтемина претенденти за највисоката функција во државата…

Последен ден од кампањата за претседателските избори на 24-ти април. На полноќ почнува молкот, што завршува во среда во 19 часот. И покрај молкот за претседателските избори, изборната кампања за парламентарните избори на 8-ми мај, ќе се одвива и нема да биде прекината, но медиумите нема да известуваат за неа.
Граѓаните одлучуваат за еден од седуммината пријавени претседателски кандидати.
За изборите за претседател во избирачкиот список се запишани 1.814.317 избирачи. Во изводите од избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, додека во странство во ДКП-та или конзуларни канцеларии ќе гласаат 2.569 избирачи.
Во 31 ДКП гласањето ќе се одвива во вторник најмногу пријавени има во Љубљана 332, а најмалку во Пекинг 12 гласачи.
Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, запишани се 2.147 избирачи.
Покрај затворениците и нашинците во странство, во вторник гласаат и болните и изнемоштените, но и две лица сè уште внатрешно раселени.
Првичните информации за изборните резултати од првиот круг претседателски избори, ДИК би требало да ги објави пред полноќ на 24-ти април.
Миле Ристески
