Османи со повик за обединување
Европскиот фронт предводен од ДУИ го одржа главниот митинг во Скопје. Претседателскиот кандидат Османи оцени дека има реални шанси да влезе во вториот круг. Првиот човек на интегративците Ахмети со повик до Мицкоски да ги бира зборовите, и како што рече, да не си ја бара бељата…

Претседателскиот кандидат на ДУИ и коалицијата Европски фронт, Бујар Османи од централниот митинг во Скопје порача дека е свесен оти предрасудите и етничките бариери сè уште постојат, но одредени глобални интереси кои не ѝ мислат добро на земјата, рече, ја потхрануваат поделбата меѓу етничките заедници. Османи ги повика граѓаните на обединување.
Реални шанси за втор круг
Османи верува дека постојат реални шанси како кандидат Албанец и кандидат на девет политички партии и четири заедници да помине во вториот круг, бидејќи овие граѓани сочинуваат, како што рече 47 отсто од населението во земјава, па ги повика граѓаните да се мобилизираат за да овозможат да се пробие бариерата, да ја остварат оваа историска победа и да оди во вториот круг.
Од митингот на симпатизерите и членовите им се обрати и лидерот на интегративците Али Ахмети. Во својот говор му упати пораки на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Рече дека патувал малку подолго и едвај чекал да дојде на митингот меѓу своите членови за да му каже на Мицкоски дека е пораснат со гурабии и со бисквити. Но јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор доведува до беља. Бегај од бељата-му порача Ахмети на Мицкоски.
„УЧК, УЧК“
Ахмети посочи дека Европскиот фронт можеби некому му е малку досаден затоа што овие млади луѓе викаат УЧК, но УЧК е она што ја направи Македонија, а ги направи и најмалите заедници со идентитет, додаде во своето обраќање.
На митингот се обрати и Зијадин Села од Алијанса за Албанците. Тој му порача на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да освојат 61 пратеник за да ги скратуваат правата на другите заедници.
Села порача дека албанците нема да дозволат преку своите кукли меѓу албанците да ги претставуваат интересите на руските бабушки во земјава. Со свои обраќања се претставија и претставниците на другите политички партии кои се во коалицијата Европски фронт, меѓу кои Мендух Тачи од ДПА.
Фиљана Кока
