Офанзивата во Појасот Газа продолжува, одобрени плановите за Рафах
Шефот на военото разузнавање на Израел поднесе оставка. Во Газа продолжуваат жестоките борби, Тел Авив не ги отфрла плановите за офанзива на Рафах...

Израелскиот напад врз Иран беше случај на малтретирање што не предизвика никаква штета-соопшти Иран, со ново предупредување до Тел Авив и сојузниците.
„Ако се направи уште еден акт на агресија, ако некој му помогне на ционистичкиот режим да изврши уште една агресија, Иран ќе даде решителен и помоќен одговор“, изјави Насер Канаани, портпарол на Министерство за надворешни работи на Иран.
Блискиот Исток, тензиите на Западниот Брег и неодамнешниот ирански напад врз Израел-теми на пленарното заседание на Европскиот парламент во Стразбур и на Советот за надворешни работи на Европската унија во Луксембург.
„Се надевам дека ќе има голем пакет санкции и голем дел од нив ќе се согласат, ни треба едногласност“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Продолжија антивладините протести
Израелската опозиција го повика премиерот Нетанјаху да си поднесе оставка по примерот на шефот на израелското воено разузнавање Ахарон Халива, додека антивладините протести продолжија со барање за ослободување на заложниците.
„Ја повикуваме владата, ако не може да ги врати заложниците, нека ја отстапи функцијата на некој што може да ја направи оваа зделка“, изјави демонстрант.
Хамас ги одбил сите предлози-тврди Нетанјаху и додава дека ќе го зголеми притисок врз терористичката група.
„Во наредните денови ќе го зголемиме воениот и политичкиот притисок врз Хамас бидејќи само така ќе ги ослободиме нашите заложници и ќе ја постигнеме нашата победа“, Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Одобрени плановите за Рафах
Офанзивата во Појасот Газа продолжува. Одобрени плановите за Рафах. Се очекува евакуација на населението.
„Наша работа е да продолжиме да го разбиваме Хамас и да направиме се за да ги вратиме заложниците“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Продолжува размената на оган и со Хезболах.
Бојана Крстевски
