Протест

Приватните специјализанти го ставија штрајкот во мирување

22.04.2024 16:22

Приватните специјализанти донесоа одлука – генералниот штрајк е ставен во мирување за да се овозможи нормално функционирање на клиниките во интерес на пациентите. Но, секој вторник за време на паузата ќе излегуваат на протест за да предупредат дека не отстапуваат од нивните барања...

По една недела штрајк, приватните специјализанти го ставија во мирување и се враќаат на работа. Иако нивните барања за повисоки плати и регулирање на работниот однос не се реализирани, не сакаат дополнително да ја отежнат работата на клиниките на сметка на здравјето на граѓаните. Секој вторник за време на паузата ќе се собираат во паркот пред интерните клиники за да ги потсетат надлежните дека нивните барања чекаат разрешница. Се оградуваат од каква било политичка поврзаност – велат единствен мотив за штрајкот е тоа што се доведени до работ на егзистенција.

„Во знак на изразување на револтот што нашите барања сè уште не се прифатени, приватните специјализанти од следната недела, секој вторник за време на својата пауза, во 11 часот ќе се собираат во паркот пред интерните клиники, со цел да покажеме дека сме тука, постоиме и чекаме да се решат нашите проблеми“, изјави д-р Христина Илиоска – Чешлароска – приватен специјализант по интерна медицина.

Од барањата нема да отстапат и веднаш по изборите ќе побараат решавање на нивниот проблем.

„До сите постари колеги апелирам дека мора да имаат трпение и мора да разберат дека обемот на работа оваа недела падна на специјалистите и колегите на државна специјализација, но приватните специјализанти во ниту еден момент немаа намера да ги казнат колегите или пациентите, едноставно немаа друг механизам да го искажат револтот кон Министерството за здравство и да се изборат за егзистенција“, изјави д-р Александра Ѓоргиевска – претседател на Здружение на лекари специјализанти.

Министерството остана на ставот дека по изборите ќе се решава статусот на приватните специјализанти кои сега работат за 26 илјади денари и без здравствено осигурување. Специјализантите предупредија дека 70 проценти од студентите на медицинскиот факултет учат германски, и се подготвуваат да ја напуштат државата.

 

Андријана Ѓурческа