Потпишани договорите за производство на тутун
Садењето на тутунот на нивите се очекува да почне на почетокот на мај. Според Државниот инспекторат за земјоделство, потпишаните договори и очекуваното производство се исти како ланските. Колку ќе тежи родот, сепак ќе зависи од временските прилики...

Според потпишаните договори и очекуваното производство, од Државниот земјоделски инспекторат велат дека планирањата за новата сезона се на ниво како ланското, односно за околу 26.000 тони тутун доколку временските прилики бидат поволни во текот на реколтата.
Односно, тутунопроизводителите до 31-ви март склучија речиси 29.000 договори со откупувачите, што е безмалку исто како и првичните проценки од лани. Сепак, минатата година лошото време им ги помати сметките, а планираното производство беше преполовено и се откупија едвај 15.000 тони тутун.
Сојузот на земјоделските здруженија бараат и откупна цена со која садењето на тутунот годинава ќе биде исплатливо. Со договорите за новото производство монополите повторно ги понудија истите цени од кои тутунопроизводителите не се задоволни и сметаат дека постојниот Закон за тутун ги става во подредена положба во договарањето.
Родот од ланската реколта се откупи по просечна цена од 354 денари за килограм за што монополите исплатија речиси 85 милиони евра.
Методија Трајков
