Македонија и Бугарија заедно ќе настапуваат на трети пазари
Претставници од бизнис секторот, стопанските комори и владите на Македонија и Бугарија на форум во Штип. Двете држави ќе договараат заеднички настап на трети пазари. Досега, преку заеднички проекти само во источниот регион се реализирани 40 проекти вредни 6,1 милион евра...

Бизнисмени од Македонија и Бугарија заеднички ќе освојуваат странски пазари. Деталите за ова, претставници од бизнис секторот, стопанските комори и влади на двете држави, ќе ги дефинираат на заеднички форум во Штип.
„Целта е, како соседни и пријателски земји, прво да ја продлабочиме нашата соработка, но и да ги искористиме сите предности што може да ги даде една земја членка на Европската Унија и да видиме, како можеме, нашите стопански субјекти и преку Бугарија да настапиме на трети пазари“, изјава Илчо Захариев, градоначалник на Штип
Досега, соработката меѓу двете држави главно беше фокусирана на меѓугранични проекти. Вкупно, од 2007 година наваму, со европски пари, само во Источниот регион се реализирани околу 40 проекти, вредни 6,1 милион евра.
На повеќе проекти и пари, двете држави се надеваат со објавувањето на вториот повик за користење на средства од европските фондови со важност од 6 години и вкупен буџет од 20 милиони евра.
„Најмногу ќе се концентрираме на инфраструктурни проекти, односно на модернизација и осовременување на инфраструктурата која ги поврзува овие два региона. Ќе се насочиме и кон подобра комуникација помеѓу образовните институции, нивно здружување и овозможување на поквалитетно образование“ истакна Тони Тоневски, претседател на Совет на градоначалници на ИПР.
Форумот ќе се одржи на 23 и 24 јуни, а на истиот ќе присуствуваат главно претставници на извозно ориентирани компании од областа на текстилството, винската и прехранбената индустрија.
Оливера Жежова
