Струга

Со супервештачење ќе се утврдува одговорност за случајот со родилката од Дебар

23.04.2024 12:44

Со супервештачење од Судско-медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет Скопје ќе се утврдува дали лекарите од струшката болница имаат одговорност и постапиле несовесно при лекувањето на родилката од Дебар, која при породување во 2020 година остана без три органи бубрег, јајници и матка. Судските вештаци останаа на тврдењето дека родилката не добила соодветна медицинска нега …

Поради неусогласување на двете спротивставени вештачења, едното изготвено од Институтот за судска медицина, а другото од одбраната од технички советник, за случајот со родилката од Дебар, која по породувањето остана без три органи, судот издаде наредба да се прави супервештачење.

На денешното рочиште беа сослушани вештаците од Судска медицина и техничкиот советник на одбраната. Наспроти тврдењето на техничкиот советник Драге Дабески дека лекарите немаат одговорност, вештаците од судска медицина останаа на ставот дека несоодветна нега од страна на здравствениот тим, довел до животозагрозувачката состојба на родилката.

„За жал законот е таков каков што е, овозможува вештачење од вештак поединец се споредува со вештачење направено од институција и тројца професори, а со тоа му дава право на Судот да побара изготвување на суперв ештачење кога имаме спротивни вештачења“, вели професорот Александар Станков вештак од судска медицина.

„Не се усогласија во однос на настанување на последиците кои ги има оштетената. Имаат спротивставени мислења за начинот на кој е водена целата нега“, вели Александар Новакоски адвокат на третообвинетата.

Две години судски процес

Оштетените очекуваат дека со супервештачењето, кое ќе го прави судско медицински одбор конечно по две години судски процес ќе стигне правдата.

„Судско-медицинскиот одбор при Медицинскиот факултет е составен од 19 лекари од различни профили и од различни области на медицината. Јас верувам дека тие луѓе солидно и квалитетно ќе си ја извршат својата работа и не се сомневам во квалитетот на супервештачењето“, вели Сашо Јанев адвокатот на оштетената.

„Едвај чекам да дојде крајот и вистината да излезе на виделина, не само за мене туку и за сите жени во Македонија, на не молчат и да не запираат кога има лекарски грешки“, изјави Веапоска.

Според обвинението, првообвинетиот д-р Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани специјализант по гинекологија и третообвинетата Лилјана Јованоска, гинеколог се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето и примена на неподобни средства при лекувањето.

Соња Рилковска