Србија

Македонски државјани гласаат во амбасадата во Белград

23.04.2024 13:36

31 граѓанин, запишани во посебниот извод на Избирачкиот список во Македонската амбасада во Белград, од 07.00 до 19.00 часот го остваруваат своето граѓанско право за избор на нов претседател на државата...

Македонските државјани во Србија гласаа на претседателските избори. 31 граѓанин, запишани во посебниот извод на избирачкиот список во македонската амбасада во Белград, од 07.00 до 19.00 часот го остваруваат своето граѓанско право за избор на нов претседател на државата.

„Гласањето на Избирачкото место 5025 тече нормално, отворено е изутрина во 07.00 часот согласно законските прописи, а ќе се затвори во 19.00 часот. На ова избирачко место пријавени се 31 гласач“, изјави Емрије Мустафи, заменик-претседател на ИО на избирачко место бр. 5025 Белград.

Дијаспората гласа по трет пат

Македонските државјани во Србија и во дијаспората по трет пат гласаат на претседателските избори. Најмногу пријавени за гласање во Белград имаше на претседателските избори во 2014 година кога гласаа 421 граѓанин.

„Од новиот претседател очекувам помош и поддршка, заедно со Владата и Собранието да се донесе нов Закон за дијаспората да може електронски граѓаните да се пријават и електронски да гласаат“, изјави Славе Груевски од Горни Милановац.

Гласање со лични карти со старото име на државата

Според изборните правила, гласачите со нивни податоци и фотографија во избирачкиот список на прстот беа обележани со невидлив УВ спреј, а пред влегувањето во просторијата беа проверувани со УВ-лампа. Можеше да се гласа, според изборните правила со новите пасоши и со лични карти со старото име на државата и неистечен рок на важност.

Македонците од Србија и од целата дијаспора можат да гласаат само за Претседателските избори, не и на парламентарните избори, поради недоволен број на пријавени гласачи.

 

Оливер Бранковиќ