Воздушна тревога во Украина, гранатирања во неколку региони
Ракетните удари следат по уништувањето на ТВ-кулата во Харков каде што беа сместени комуникациските системи за противвоздушната одбрана на Украина. Според Зеленски, нападот е дел од тековните напори на Москва да го заплаши населението...

Воздушна тревога низ речиси целата територија на Украина. Руски гранатирања во неколку региони. Погоден и Киев, над 500 воздушни напади регистрирани во Запорожје. Во Одеса меѓу повредените има и деца.
„Синоќа имаше воздушен напад врз нашиот град и како резултат на удар во станбена зграда, со возило на брза помош ни беа донесени повредени со скршеници на екстремитети и повреди на главата“, изјави Вадим Стоиев, директор на медицинската установа во Одеса.
Ракетните удари следат по уништувањето на ТВ-кулата во Харков каде што беа сместени комуникациските системи за противвоздушната одбрана на Украина. Според Зеленски, нападот е дел од тековните напори на Москва да го заплаши населението. Ја повтори итната потреба од противвоздушна одбрана.
„Четирите приоритети се клучни: заштита на небото, модерна артилерија, способност за долг дострел и обезбедување на американските пакети за поддршка да пристигнат што е можно побрзо“, вели Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Сенатот гласа за помош на Киев
Американскиот Сенат гласа за помошта за Киев. За Москва-тоа нема да ја измени динамиката на руската одбрана туку само ќе доведе во нови жртви меѓу Украинците.
„Руските вооружени сили вклучени во специјалната воена операција ги подобруваат позициите и динамиката. И секако, овие издвоени пари, оружјето што ќе биде испорачано нема да ја смени динамиката туку само ќе доведе до нови жртви меѓу Украинците“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Во саботата Претставничкиот дом на САД усвои одредба која овозможува заплена на руски имот, но поголемиот дел од руски средства не е во САД туку во Европа. Претседателката на горниот дом на рускиот парламент ја предупреди Европа дека Русија веќе подготвила закон за одмазда ако западот заплени речиси 300 милијарди долари руски имот и го употреби за оружје за Украина.
Маријана Димовска
