Блиски Исток

Израелски воздушни напади во близина на бегалски камп во Газа

23.04.2024 13:58

Расте бројот на тела ексхумирани од масовната гробница во Кан Јунис. Убиен висок функционер на Хезболах. Тел Авив со критика за плановите на САД за санкционирање на израелска воена единица за наводно кршење на човековите права на Западниот Брег...

Жртви и повредени по израелски воздушни напади во близина на бегалски камп во центарот на Газа. Воените операции продолжени во Појасот. Расте бројот на тела ексхумирани од масовната гробница во Кан Јунис. Цивилната одбрана во Газа прстот го впери во Израел.

Пронајдена масовна гробница во Газа

„Голем број жртви чии семејства не можеа да ги погребаат на гробиштата поради офанзивата во Кан Јунис морале да ги закопаат тука. Но бевме изненадени од бројката кога дојдовме да ги ексхумираме. Огромниот број тела укажува дека имало масакр и злосторство извршено зад ѕидовите на болницата Насер“, изјави д-р Мохамед, цивилна одбрана во Газа.

Жестоки удари и преку израелско-либанската граница. Убиен висок функционер на Хезболах. Војната во Газа значително ги наруши човековите права-објавен Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент. Државниот секретар тврди-САД не применуваат двојни стандарди во својата политика во однос на Израел.

Годишен извештај на американскиот Стејт департмент

„Додека ги разгледуваме човековите права и состојбата на човековите права низ светот, го применуваме истиот стандард за сите. Не се менува дали земјата за која станува збор е противник, конкурент, пријател или сојузник“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Нови рации и ранети на Западниот Брег и покрај апелите за деескалација на тензиите. Тел Авив со критика за плановите на САД за санкционирање на израелска воена единица за наводно кршење на човековите права на Западниот Брег.

Покрај апелите за деескалација, нови ранети на Западниот Брег

„Доколку некој војник направи грешка, ќе бараме од него одговорност. Ова е одговорност на воениот естаблишмент. Никој во светот нема да не научи што е морал, а што норми. Знаеме како да се грижиме за нашите норми и како да се однесуваме. Наша одговорност е да го браниме Израел“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Израелските власти најавија дека ќе ја прошират хуманитарната зона пред стартот на офанзивата во Рафах. Во меѓувреме, ЕУ ги проширува санкциите за иранските производители на дронови и проектили. Чекорот е за жалење-оцени Техеран.

 

Бојана Крстевски