Во затворите гласањето се одвива мирно и без проблеми
Денеска за претседател гласаат лицата кои отслужуваат затворска казна. Во „Идризово“ и во затворот во Шуто Оризари гласањето се одвиваше без проблеми...

Мирно и без проблеми помина гласањето за претседател во најголемиот затвор „Идризово“. Вкупно за гласање во казнено-поправните установи низ земјава беа пријавени 2.147 затвореници и притвореници, а овој затвор 887 избирачи.
„Гласањето се одвива добро и во мирна атмосфера“, изјави директорот на затворот за МТВ.
А затворениците кои денеска гласаа, секој со својата мака. Некому му остануваат уште месец или два, некому години и години до издржувањето на казната затвор. Ама и за едните и за другите, денот поминат таму е година.
Презентации како да се оствари правото на глас
Од Управата на затворот „Идризово“ велат дека пред секои избори на затворениците им се држат презентации за тоа, кој има право на глас и како да го оствари.
И во затворот во Шуто Оризари гласањето се одвиваше без проблем, во демократска атмосфера. Денешното гласање им беше само миг, кој за нив многу значи, кога освен цимерите од ќелиите имаат можност да се видат и да поразговараат за луѓе, како што велат тие, од надвор.
Молкот завршува на 24-ти април во 19 часот, кога се затвораат 3.480 избирачки места во целата земја.
Борис Грујоски
