Гласаа болните и немоќни лица
Започна првиот круг од претседателските избори. Право на глас денеска имаат болните и немоќните лица, како и затворениците. Во кумановско гласањето започна со доцнење, поради метежот којшто се создаде за подигање избирачки материјал.

Тековно, без проблеми се спроведува гласањето на болни и немоќни лица. Во Куманово гласањето започна со доцнење поради метежот којшто се создаде пред општината, каде што се подигаше избирачкиот материјал. Претставниците на избирачките одбори по подигање на материјалот се упатуваат на терен, кон домовите на лицата. Годинава немало интерес и не се гласаше во домот за стари лица. Навреме во 07 часот започна гласањето во затворот Кшање.
„Денеска вкупно гласаат 180 болни и немоќни лица и во затворот Кшање гласаат 159 затвореници“, истакна Елизабета Стојковска, претседателка ОИК Куманово.
Во Куманово вкупно право на глас имаат 93.364 гласачи. Утре во најголемата општина во земјава, ќе се гласа на 167 избирачки места.
И во останатите општини од североистокот гласањето на болните и немоќни лица тече тековно, без проблеми, информираат од општинските изборни комисии. И во останатите градови од државата тече гласањето. Во Прилеп се гласаше и во Домот за стари лица.
Екипите на избирачките одбори по гласањето во домашни услови ги враќаат избирачките кутии. Материјалот го обезбедуваат полициски службеници.
Елена Георгиевска
