ДИК: Денешното гласање помина без проблеми
Молк пред утрешните претседателски избори. Денеска гласаа затворениците и притворениците, болните и изнемоштените, лицата во старечките домови, внатрешно раселените и македонската дијаспора...

Гласањето помина добро и без проблеми – оцени Државната изборна комисија. Беа пријавени 6.935 болни и изнемоштени лица, од кои, своето право го искористиле 94 проценти. Во 14 казнено – поправни установи, со право на глас беа 2.147 затвореници и притвореници, а до 19 часот гласале 64 проценти од запишаните избирачи. Право на глас имаа и 534 лица сместени во 20 центри за вонсемејна грижа, каде излезноста била 83 проценти, а гласаа и двајца внатрешно раселени.
За гласање во дијаспората беа пријавени 2.569 избирачи, во 31 место во дипломатско-конзуларните претставништва. Вкупната излезност до 19 часот била 35 проценти, но, поради временската разлика, во неколку избирачи места гласањето сè уште трае.
Од ДИК со појаснување до граѓаните, кои документи им се потребни за да можат да го остварат нивното право на глас.
Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски уверува дека Комисијата е целосно подготвена за успешно спроведување на првиот круг од претседателските избори.
Александра Спировска
