Избори 2024

Седми претседателски избори, граѓаните денеска гласаат

24.04.2024 07:45

На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи...

Во земјава денеска се одржуваат седмите претседателски избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за еден од седуммината кандидати: Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ.

На 3.480 избирачки места во Републиката со право на глас во Избирачкиот список за Претседателските избори се запишани вкупно 1.814.317 гласачи. Вчера на 31 избирачко место гласаа и нашинци во дијаспората, како и затворениците и болните и немоќни лица.

Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Претседателските избори, според ДИК, ќе ги следат вкупно 1601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.