Меѓународен ден на џезот во паркот „Ибни Пајко“
Во паркот „Ибни Пајко“ во вторник, 30 април, во 13 часот ќе се одржи 8. издание на целодневниот џез хепенинг со кој ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот, а ја организира Националниот џез оркестар...

Во паркот „Ибни Пајко“ во вторник, 30 април, во 13 часот ќе се одржи 8. издание на целодневниот џез хепенинг со кој ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот, а ја организира Националниот џез оркестар. Ќе настапат нашите музичари Сашко Николовски Септет, Гоце Стевковски – Богданци Реунион квартет и Џијан Емин и Магичниот оркестар, Фани Поса Квартет (Унгарија, Србија, Данска, Лана Јањанин Квартет од Хрватска и Карлос Сардуј Грув Месинџерс од Куба.
– Ден пред 1 Мај, ве покануваме да заборавите на секојдневните рутини и обврски и да ни се придружите на настанот по кој е препознатлива пролетта во Скопје – глобалната прослава на џезот и неговите придобивки. Заедно да уживаме во радоста на џез музиката бидејќи на овој ден, сè е џез – велат организаторите.
На настапите ќе им претходи работилницата „Џез за деца“ која се одржува секоја година, наменета за деца од 3 години па нагоре, на која најмладите ќе имаат можност да се запознаат музичките инструменти кои се користат во нашиот оркестар, како и да учествуваат во заедничка композиција.
Оваа меѓународна манифестација, поддржана од Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулеј, и легендарниот џез-пијанист и композитор Херби Хенкок, кој е амбасадор на УНЕСКО за меѓукултурен дијалог и претседател на Институтот за џез Херби Хенкок, секоја година поврзува заедници, училишта, уметници, историчари, академици и џез ентузијасти ширум светот да слават и да научат нешто повеќе за џезот и неговите корени, за неговата иднина и влијание, истакнувајќи ја потребата од меѓукултурен дијалог и меѓусебно разбирање, и зајакнување на меѓународната соработка и комуникација.
Секоја година, на 30 април, џезот како меѓународна уметничка форма е препознаен како алатка за промовирање на мир и дијалог меѓу културите; почитување на различноста, човековите права и достоинство; алатка за искоренување на дискриминацијата; негување родова еднаквост и промовирање на слободата на изразување.
