УКРАИНА

Зеленски благодарен на САД и другите сојузници за најавената помош

24.04.2024 11:57

Американскиот Сенат со широка двопартиска поддршка го усвои долго одложуваниот пакет помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван, испраќајќи ја легислативата до претседателот Бајден на потпис. Киев добива речиси 61 милијарда долари од пакетот. Зеленски преку социјална мрежа изрази благодарност до сите сенатори. Претходно и Британија вети дека испраќа оружје во вредност од 620 милиони долари за Украина.

По месеци одложување, Сенатот на САД го одобри долгоочекуваниот пакет-помош за Украина од 61 милијарда долари.

„Конечно, по повеќе од шест месеци напорна работа и многу пресврти на патот, Америка испраќа порака до целиот свет. Ние нема да ви го свртиме грбот“, изјави Чак Шумер, лидер на мнозинството во Сенатот.

„Сенатот испрати јасна порака. Дури и кога Москва, Пекинг и Техеран станаа поубедени дека нашето влијание поминало, па дури и кога овде дома инсистираа на напуштање на одговорностите на лидерството, Америка се засили и Сенатот застана цврсто“, изјави Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот.

Зеленски истакна дека САД ја потврдиле улогата на светилник на демократијата. Му се заблагодари и на Обединетото Кралство за најавената помош од 500 милиони фунти.

„Имаме многу добри вести за воените пакети од нашите партнери. Главната работа е оружјето да се достави до Украина навреме. Ракети што ни се потребни. Оклопни возила, системи за противвоздушна одбрана“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.

САД исто така, ќе испрати 26 милијарди долари воена помош за Израел и хуманитарна помош за граѓаните на Газа, како и 8 милијарди долари за спротивставување на кинеските закани во Тајван и Индо-Пацификот. Пекинг го предупреди Вашингтон да престане да го вооружува Тајпеј.

„САД треба да се придржуваат до принципот „Една Кина“ и да не ја поддржуваат независноста на кинескиот регион Тајван, како и да престанат со секаков вид негово вооружување“, изјави Ванг Венбин, портпарол на МНР на Кина.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, ги обвини Москва, Пекинг и сојузниците дека работат заедно за да ја поддржат Русија во инвазијата на Украина.

„Иран испорачува беспилотни летала и муниција до Русија. Северна Кореја испорачува муниција на Русија. А за возврат, Москва и ја дава под хипотека својата иднина на Пекинг, испорачува технологија на Северна Кореја и Иран, за да им помогне да ги развијат своите ракетни и нуклеарни програми“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

На фронтот во Украина и натаму жестоки битки и напади со дронови. Во Русија пак, уапсен заменик-министер за одбрана поради корупција.

 

Маријана Димовска