Фудбал – СП Бразил 2014

Русија – Белгија

22.06.2014 11:36

После пет дена, одново истрчуваат! За светот ова е дербито на Х групата. Во големата пресметка на „Маракана“ во Рио, Белгија влегува со капиталот од три бода обезбеден низ победничките 2:1 против Алжир. Русија имаше старт во дуелот против Јужна Кореа  од кој  извлече само еден бод со нерешените 1:1. За  двете селекции денеска  претстојат веројатно најтешките, најисцрпувачките 90 минути од групната фаза. Иако, главно нема да бидат решавачки за редоследот.

После пет дена, одново истрчуваат! За светот ова е дербито на Х групата. Во големата пресметка на „Маракана“ во Рио, Белгија влегува со капиталот од три бода обезбеден низ победничките 2:1 против Алжир. Русија имаше старт во дуелот против Јужна Кореа  од кој  извлече само еден бод со нерешените 1:1. За  двете селекции денеска  претстојат веројатно најтешките, најисцрпувачките 90 минути од групната фаза. Иако, главно нема да бидат решавачки за редоследот. Извесно е дека  само Белгија со евентуална победа ќе фрли товарот од себе  на патот до следната мундијалска фаза.

Двете селекции имаа респектибилни настапи во квалификациите за светското првенство. Белгија последните седум натпревари во нам добро познатата група ги заврши непоразена, без примен гол. Менталната сила ја покажа и против Алжир, кога успеа да се извлече од резултатската негатива. Русија во слично, доминантно темпо го мина патот за Бразил, оставајќи ја зад себе една Португалија.„Баќушките“  тешко губат. Непоразени се на последните 11 натпревари со 7 победи и 4 нерешени резултати. Тоа е плод на работата и стратегијата која ја применува Фабио Капело. Не крие дека допрва следи најтешкото: „Белгија има многу силен тим, кој игра на највисоко рамниште“-вели Капело. Марк Вилмоц, селекторот на Белгија очекува тежок меч: „Против Русија очекувам меч со многу тактизирање.Ги гледав  против Кореанците и ќе мораме да бидеме многу внимателни, да не им оставиме многу простор за игра.“

Историјата  на светските првенства бележи две нивни соочувања досега. За долго паметење е фудбалската  голеада во 1986 година во Мексико, кога Белгија по 120 минути игра ја совлада тогашната „Зборнаја“ со 4:3, откако по 90 минути беше 2:2. Не помогна хет-трикот на Игор Беланов против разиграните Шифо,Демол,Кулеманс. „Црвените ѓаволи“ го добија дуелот со многу голови и во 2002-та во јапонија со 3:2. Победничкиот гол беше дело на актуелниот белгиски тренер Вилмоц. Русија (СССР) има подобар скор во меѓусебните дуели, но Белгијците се тие кои со три победи и нерешено доминираа во последните четири соочувања. Ако има натпревари без фаворит, денешниов на „Маракана“ е  токму еден од тие.