Македонија

Прво гласање после полнолетство на Атанасовски-Трајковиќ

24.04.2024 21:38

Стефан Атанасовски-Трајковиќ првпат гласаше на избори. Иако полнолетството го прославил пред година ипол, сепак, денеска се почувствувал повозрасен од кога и да е, бидејќи неговиот глас, го доживеал како можност за креирање на сопствената иднина...

Деветнаесетгодишниот велешанец Стефан Атанасовски-Трајковиќ првпат гласаше на избори. Иако полнолетството го прославил пред година ипол, сепак, денеска се почувствувал повозрасен од кога и да е, бидејќи неговиот глас, го доживеал како можност за креирање на сопствената иднина.

„Иако е право на глас, јас повеќе како млад човек го разбирам како должност, како одговорност којашто треба да си ја остварат сите, па и младите граѓани.“, изјави Стефан Атанасовски-Трајковиќ

Внимателно ги следел сите јавни настапи на кандидатите, ги разгледал и нивните политички понуди, но како млад човек смета дека политичарите ќе мора да се потрудат вистински за категоријата граѓани која толку често ја спомнуваат на митинзи и ја посакуваат како гласови.

„Сè повеќе добиваме впечаток дека и за време на предизборните кампањи и во сите оние дебати коишто се случуваа, интервјуа, спотови, реклами, дека кога станува збор за младите повеќе се декларативни заложби на сите политички понуди. Она што сакаме да го видиме се млади на пратенички листи, млади на советнички листи, млади на позиции на коишто се луѓе коишто се заслужни за креирање младински политики а не соработуваат со младите туку нивните тимови се главно со возрасни луѓе доведува до неефективни политики коишто сите ние како млади го чувствуваме на сопствена кожа.“, изјави Стефан Атанасовски-Трајковиќ.

За среќа, не бил еден од илјадниците млади кои тукушто станаа полнолетни, но беа во неизвесност дали ќе може да гласаат поради тоа што немаа валиден личен документ. Стефан имал лична карта со новото уставно име од 2021 година, но за него и неговата генерација е апсурдно во време кога светот се стреми кон дигитални решенија, да се чека во редици за физички пасоши или лични карти.

 

Катерина Топалова