Претседателски избори 2024

Првични резултати од ДИК, водство на Силјановска-Давкова

24.04.2024 20:35

Според обработени 43,02% од избирачките места, односно 764.319 гласови, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова убедливо води со 36,01%, или 128.521 освоени гласови.

Државната изборна комисија почна со објавување на првичните резултати од денешниот изборен ден. Според обработени 43,02% од избирачките места, односно 764.319 гласови, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова убедливо води со 36,01%, или 128.521 освоени гласови.

Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, според досега обработените податоци има 17,51%, односно 62.484 гласови.

Следува Бујар Османи поддржан од ДУИ и Европскиот фронт со 17,59% или 62.772 гласови, додека после него се наоѓа Арбен Таравари од „Влен“, со 12,8‘% или 45.923 гласови.

Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, според досегашните податоци има освоено 7,57% од гласовите или 27.013. Билјана Ванковска-Цветковска поддржана од Левица има 4,23% од гласовите, односно 15.095, додека Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 0,93% или само 3.315 гласови.