Блиски Исток

Хамас објави снимка од киднапиран израелско-американски заложник

25.04.2024 09:40

Хамас објави видео-снимка од заложник киднапиран од музички фестивал за време на нападите на 7-ми октомври. Од Тел Авив се заканија дека ќе ја гонат милитантната група насекаде во Газа. Не мируваат размените на оган и со либански Хезболах. Јеменските Хути пак, одново напаѓаат бродови во Црвено Море...

Израелската војска вети дека ќе го гони Хамас насекаде во Газа, по објавувањето на видеоснимка од израелско-американски заложник. 23-годишниот Херш Голдберг-Полин беше киднапиран на музички фестивал кога Хамас го нападна Израел на 7-ми октомври.

ИДФ: Итен повик за акција

„Полесно ни е што го видовме жив, но исто така, сме загрижени за неговото здравје, како и за сите други заложници и сите оние кои страдаат во овој регион. Денеска сме тука со молба до сите лидери на страните кои преговараа, искористете го овој момент и постигнете договор“, рече Џон Полин, татко на заложник на Хамас.

„Херш, ако можеш да го слушнеш ова – го чувме твојот глас првпат по 201 ден и ако можеш да не слушнеш, ти кажувам, те сакаме, остани силен, преживеј! – рече Рејчел Голдберг-Полин, мајка на заложник на Хамас.

„Оваа снимка е психолошки терор. Тоа е потсетување колку е болна оваа терористичка група, која ги тероризира и заложниците и нивните семејства“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Бајден побара итно да се достави хуманитарна помош во Газа

Американскиот претседател повика новата хуманитарна помош веднаш да стигне до Палестинците во Појасот Газа. Во услови на застој во неколкумесечните разговори за прекин на огнот, од Хамас велат дека се подготвени на примирје со Израел доколку се формира независна палестинска држава.

„Подготвени сме да ги продолжиме преговорите за да се постигне прекин на огнот и целосно повлекување на силите. Израелците сакаат да окупираат дваесет проценти од Појасот Газа во она што тие го нарекуваат безбедна зона – ова е неразумно“, изјави Халил ал-Хаја, висок функционер на Хамас.

Половина од командантите на либански Хезболах на југот на земјата се елиминирани, тврди израелскиот министер за одбрана. Тел Авив изврши серија напади врз пограничните области, неколку часа откако Хезболах соопшти дека истрелал десетици ракети како одмазда за нападите ден претходно. Јеменските Хути пак, ја презедоа одговорноста за нападите врз американски брод во Аденскиот залив, како и врз израелски брод во Индиски Океан.

 

 

Маријана Димовска