Безбедност во сообраќајот: Ако се прилагодите на патот мали се шансите за сообраќајна незгода

22.06.2014 13:10

Неделава за релативно краток временски период имаше дури четири сообраќајни несреќи на автопатот кај наплатната рампа Желино во кои возила излетуваа од коловозот. За среќа имаше само полесно повредени. Надлежните апелираат да се вози внимателно, особено при дожд, а возачите да не им се препуштаат на големите брзини, само затоа што возат по автопат...

Автобус кој се движел на релација Скопје - Тетово излетал од коловозот и удрил во земјениот насип. Шестмина се повредени. Нешто подоцна истиот ден, автомобил излетал од коловозот и се превртел. Тројца се повредени.

Претходниот ден, но од спротивната страна излетува автомобил кој удира во металната ограда. Нешто подоцна истото се случува и со товарно возило. За среќа нема повредени.

Овие четири несреќи со излетани возила се случија за околу 24 часа од двете страна на наплатната рампа кај Желино.

„Секаде во светот сообраќајни несреќи и незгоди од големи размери се случуваат најчесто на добри патишта. На нив се чувствуваме безбедно и мислиме дека можеме да возиме побрзо од пропишаното, затоа што нема проблеми. Но, како што гледаме, токму на тие делници многу често има сообраќајни несреќи“, вели Тоше Јанев – Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Првично, причината за овие несреќи е неприлагодена брзина на условите на патот.

„Поради најавите на синоптичарите дека и во наредниот период следува влажен воздушен бран проследен со обилни врнежи од дожд, апелираме до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот“, изјави Маријан Јосифовски – Портпарол на СВР Тетово.

Познавачите велат дека во најголем број од случаите директен причинител на ваквите сообраќајни несреќи е самиот возач.

„Доколку се прилагодите на условите на патот, на своите способности и на своето возило, дефинитивно шансите за учество во сообраќајна несреќа се многу мали“, смета Тоше Јанев – Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Пред два дена автомобил излета и од патот Тетово – Попова Шапка, при што имаше тројца повредени.

Зоран Јованоски