Македонија

„Инклузива“: Гласачките места повторно непристапни

25.04.2024 11:25

Пропусти при пристапноста на гласачките места, но и неисполнување на правото на глас во домашни услови, регистрираат набљудувачите на здружението „Инклузива“, кои го следеа изборниот процес во три градови во државата...

Гласачките места повторно непристапни за лицата кои што користат помагала, констатираат набљудувачите на здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово. Од триесетина избирачки места кои што ги посетиле во Скопје, Куманово и Велес, само едно било пристапно за оваа категорија граѓани. Праксата велат се повторува, институциите мора да работат за подобрување на гласачкото право на лицата со попреченост.

„Повторно се гласа на кат без лифт, како гласачот кој користи помагала да се искачи на гласачкото место, и повторно се спречени да го остварат своето загарантирано право. Материјалите што ги подготвува сега Државната изборна комисија за која ние едно време подготвувавме, не се правилно поставени, а во дел од гласачките места воопшто избирачките одбори не знаат што бараме да има на гласачкото место“, истакна Благица Димитровска, претседателка на Здружение „Инклузива“.

Од „Инклузива“ информираат и за дојави од гласачи кои се пријавиле да гласаат во домашни услови, но правото не го оствариле, бидејќи никој не ги посетил, ниту пак известил дека се одбиени. Реагираат и на упатството за гласање на болни и немоќни, укажувајќи дека од Државната изборна комисија бараат да ги вметне и лицата со попреченост како посебна категорија.

 

Елена Георгиевска