Криза со храна

Над 282 милиони луѓе во светот се соочија со глад изминатата година

25.04.2024 11:45

Конфликтите, климатските промени и економските шокови сериозно го зголемуваат бројот на луѓе кои се соочуваат со голем недостиг на храна. Најпогодени се децата. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации предупредува од заканата за глобалната безбедност на храната во тековната 2024-та година...

Над 282 милиони луѓе во 59 држави и територии се соочија со несигурност во храна изминатата година, стои во Глобалниот извештај за кризата со храна. Овие бројки претставуваат зголемување од 24 милиони во однос на 2022-та година.

Појасот Газа во најтешката криза со храна

„Конфликтите, екстремните временски настани и економските шокови се главните предизвикувачи на гладта во светот. И важно е да не се гледаат овие три работи изолирано“, изјави Рајн Полсен, директорот на Канцеларијата за вонредни ситуации и отпорност на ФАО.

Демократска Република Конго, Нигерија, Судан, Авганистан и Етиопија се петте земји со најголем број луѓе кои се соочуваат со високи ниво на несигурност во храната. Палестина, Јужен Судан, Јемен, Сириската Арапска Република и Хаити имаат најголем број луѓе соочени со високо ниво на глад.

„Извештајот ни кажува дека 60% од децата кои се соочуваат со неухранетост, живеат во десетте земји кои се соочуваат со највисоко ниво на акутна несигурност во храната. Појасот Газа е во најтешката криза со храна во нашата историја“, изјави Доминик Бургеон, директор на Канцеларијата за врски на ФАО во Женева.

Отпадот од храна сè поголем проблем

Како еден од предизвиците е наведена и поврзаноста на неухранетоста со раселувањето.

„Ова е навистина глобален предизвик. Има премногу луѓе кои се будат наутро не знаејќи од каде ќе им дојде следниот оброк, не знаат како да ги нахранат своите деца и мораат да донесат навистина невозможни одлуки во текот на нивниот ден, за да се осигурат дека нивните најосновни потреби ќе се исполнат“, изјави Кортни Блејк, виш хуманитарен советник за американската мисија во Женева.

Според неодамнешниот извештај на Програмата за животна средина на Обединетите нации, отпадот од храна е сè поголем проблем. Во Европа, се проценува дека во отпад завршуваат 89 милиони тони на храна, односно 180 килограми по жител годишно.

 

Маријана Димовска