Во источниот регион се очекуваат рекордни приноси од мед
Пчеларите од источниот регион презадоволно. Годинава се очекуваат рекордни приноси од мед. Сепак, поради лошата година, цената на медот се покачи на 280 денари за килограм...

Пчеларите од Источниот регион годинава очекуват рекордни приноси од мед. За разлика од лани, кога пчеларите буквално за мед ги гребеа кошниците , годинава теглите ќе бидат полни.
„Во последните 10 години ова е најдобра година за пчеларството. Очекувам 20-30 килограми мед по пчелно семејство“, изјави Павле Атанасовски, пчелар од Пробиштип.
„Од сите кошници нема да вадиме мед, што значи дека збирно очекувам 13-15 килограми просечни приноси по кошница“, смета Перо Георгиев, пчелар од Штип.
Зошто годинава која од климатски аспект многумина ја оценија како лоша, за пчелите е повеќе од добра.
„Секогаш кога врне дожд, па се појави сонце, од росата растенијата фаќаат медовина, а тоа е одлично за пчелите“, појаснува пчеларот Георгиев.
Сепка, годинава не чини за потрошувачите, зашто пчеларите и при добра година цената на медот ја покачија.
„Па лани беше многу лоша година , многу пчелни семејства угинаа и дојде до недостиг на мед. Цената не е корегирана одамна и сега на ниво на Здружение се договоривме таа да изнесува 280 денари за килограм“, тврди Георгиев.
Во Источниот регион има околу 400 пчелари со близу 15.000 пчелни семејства. Во просек од нив се добива по 15 килограми мед по семејство, што значи просечни приноси од околу 230 тони. Со цена од 280 денари по килограм, тоа значи дека пчеларството на регионот му носи приход од околу еден милион евра.
Оливера Жежова
