Бавните судски процеси во полза на прекршителите на правото
Сопственици на имот често се жртва на узурпатори. Таков е случајот со објект сопственост на МРТ во центарот на Штип, кој освен што е узурпиран, врз него се вршат и градежни зафати и рушење …

Судство бавно и под влијание на моќници, институции доведени во заблуда, дупки во законите овозможуваат сопственици на имоти да немаат право на користење и располагање со сопствениот имот. Таков е случајот со објект во центарот на Штип, сопственост на МРТ, кој со години е узурпиран од лицето Марјан Михов кој го користи објектот за угостителство, бесправно го доградува и проширува. Судската постапка се одолговлекува со години на начин со отворање на нови фирми од страна на Михов, после секоја тужба од МРТ. Така тужбата станува неоснована и Михов купува време за да продолжи бесправно да го користи објектот кој од 2018 е запишан како сопственост на МРТ. До сега МРТ има поднесено тужби против фирмите „Амичи 2017 ДООЕЛ“, „Детелинка“ и „Кафе мио“ за поврат на имот, надомест на штета и кривична пријава за бесправно градење.
Поднесена кривична пријава
Пред неколку месеци поднесена е и кривична пријава за организиран криминал. Штипското јавно обвинителство ја отфрли пријавата, но Вишото обвинителство ја уважи и го задолжи Основното јавно обвинителство во Штип да ја продолжи постапката за узурпација на недвижности, измама и оштетување на туѓи предмети.
Марјан Михов и членови на неговото семејство поднеле барања и за легализација на доградениот дел, но барањата се одбиени и се чека решение од надлежниот градежен инспектор за рушење на дивоградбата.
Славица Величковска
